Пештерата Чулеица се наоѓа на брегот на Тиквешкото Езеро. Одејќи по земјен пат од село Бегниште до пештерата се пристигнува за два ипол часа.
Доколку се оди по воден пат се патува 40 минути, а од брегот до пештерата е околу 30 минути. Влезот на пештерата е тесен и непристапен, освен за стручни лица -спелеолози.
Карактеристично за оваа пештера е тоа што се наоѓа на три нивоа, а секое ниво е одвоено едно од друго со тесни непристапни канали. Вкупна должина на пештерата Чулеица е 250 метри. Во пештерата се наоѓа оџак- тоа е како втор влез, кој се наоѓа во непристапен дел во карпите. Пештерата е богата со сите пештерски украси, а она што ја прави карактеристична оваа пештера е пештерскиот украс, кој во литературата на спелеологијата го нема до сега, а пронајден од француска експедиција. Во пештерата има колонија на лилјаци. За оваа пештера атрактивно е тоа што во неа се наоѓаат најголемите лепези од 7 метри коишто во други пештери ги нема.