Моклишки манастир – Св. Никола

Моклишки манастир – Св. Никола

Моклишкиот манастир Св. Никола се наоѓа на околу 3 километри јужно од селото Ваташа, во убав шумски предел што на овој манастир му дава посебно убав амбиент. Над влезот на манастирската црква од внатрешната страна е сочуван натпис во кој се вели дека манастирската црква е изградена во 1594/95 година.

Манастирот Св.Никола претставува еднокорабна базилика со пиластри, односно столбови од јужната и северната страна на кои се држи оваа манастирска црква. Своето име Моклишкиот манастир го добил по малото село Моклиште, кое се иселило и денес не постои повеќе. Фрескоживописот во црквата Св. Никола е од два временски периода и тоа: од времето кога е изградена црквата и подоцна кога под Османлиските освојувања црквата била незаштитена и голем дел од фрескоживописот отпаднал заедно со малтерот.

Главен празник на манастирот е Голема Богородица, кога од сите околни места доаѓаат луѓе и принесуваат подароци на манастирот. Манастирот располага со конак на два спрата по четири соби, а на секој спрат има по еден магацин. Манастирот располагал со црковни книги и со богата збирка на ракописи при што се вбројувал во еден од најбогатите од тој вид.

Во Моклишкиот манастир долго време работела библиотека богата со црковно-словенски книги и ракописи. За постоењето на библиотеката и нејзината активност во овие простори потврдува и Јордан Хаџи Константинов-Џинот кој две години работел како учител во Кавадарци и Ваташа, а поголем број од овие ракописи им ги продал на белградската Народна библиотека и Српската академија на науките и уметностите. Црквите и манастирите се најстарите духовни светилишта во Македонија

с. Ваташа
Галерија