Планината Кожуф го зазема крајниот јужен дел од општина Кавадарци и е гранична планина со соседна Грција. Планината зафаќа површина од 893 км² и има над 1000 метри надморска височина.
Подрачјето на Кожуф со своите особености е дел од зоната на туристички атракции од регионален интерес. Големата надморска височина, пространите бујни шуми, природните извори, снежната покривка која се задржува по неколку месеци, хидрографските карактеристики, разновидната флора и фауна нудат можности за викенд излети, планинарење, зимски спортови, лов и друга рекреација.
Во падините на Кожуф планина, опкружена со дабова и борова шума, се наоѓа и еден од уникатните наоѓалишта на обоени метали- рудникот Алшар каде се наоѓа минералот лорандит. Растителниот свет е богат со најразновидни видови, а најатрактивни се лековитите билки и растението “Arbutus andranhe“ кое е заштитено со закон.
Ски-центарот ,,Кожуф” e супермодерен центар за зимски спортови што покрај фантастичните услови за скијање нуди и летни активности. Без разлика дали ќе дојдете на скијање или на планински велосипедизам, планинарење, јавање коњи, риболов, висински спортски подготовки или за набљудување птици ќе уживате во недопрената природа. Почувствувајте ја вистинската убавина на природата.