Најубавиот дел на градот за рекреација и дишење на чист воздух е градскиот парк ,,Љупчо Шкартов” кој претставува природен филтер за чист воздух во општина Кавадарци. Градскиот парк е подигнат во 1955 година и зафаќа површина од 85.000 метри квадратни.
Меѓу позначајните проекти реализирани во 2020 година на Општина Кавадарци е реконструкцијата на Градскиот парк. Во паркот има ново, современо осветлување кој го прави безбеден за рекреација и прошетка и во текот на ноќта. Направено е хортикултурно уредување, обновена е урбаната опрема, дрвените клупи кои се ставени во функција на граѓаните за одмор и рекреација, обновени се старите патеки, изградени се нови, a ставена е во функција и фонтаната.
Во склоп на градскиот парк се наоѓа и Винскиот музеј кој е отворен за сите љубители на виното и ентузијасти кои сакаат да се запознаат со историјата на Тиквешкиот вински регион. Градскиот парк кој е уреден во слободен, пејсажен стил, во склад со современите потреби и барање на современото живеење е од непроценливо значење за градот како место каде граѓаните можат да се одморат и рекреираат.