Орле Патеки

Орле патеки

Планинарска патека Мушов гроб - село Мрежичко

Стартот на патеката почнува од месноста Мушов Гроб и може да се избере подолга или пократка патека. Пократката патека е во должина од 11 км и започнува од Мушов Гроб, месноста викана Васов град по кањонот на Мрежичка река до село Мрежичко. Подолгата патека е во должина од 22 км, односно Мушов гроб, Васов град-таблата граничен појас, турски рид-Копот на Фени до село Мрежичко. Чешма со вода за пиење има на Васов град.


Планинарска патека Врв Орле

Планинарската патека врв Орле се наоѓа на планината Вишешница над Тиквешкото езеро. Атрактивна патека со средно-тешка тежина. Пристапот до патеката со возило е од село Возарци до ХЕЦ Тиквеш. Од ХЕЦ Тиквеш браната со теренско возило се оди до село Шешково во должина од 7 км. Од село Шешково до врвот Орле се пристигнува за два ипол часа. Вода за пиење има само на две места, во село Шешково и на средината на патеката кај месноста Сомови Корита. Патеката е маркирана со планинарски патокази во двата правца, од село Шешково до врвот. Врвот Орле се наоѓа на 1.514 метри надморска височина. На половина час пред врвот патеката е многу стрмна и карпеста.

 

Планинарска патека Дудица

Пристапот до патеката Дудица која се наоѓа на Кожуф планина  е од  Михајлово.Оваа планинарска патека е долга 13 км до Дудички колиби. На средината на патеката се наоѓа планинарски дом кој се вика ,,Голубец”  којшто е од затворен карактер. Најголемиот дел од патеката се простира низ многу густ и ретко посетуван шумски предел, со два извора на вода. Од Дудички колиби по средно-тешка  маркирана патека се пешачи околу 2 часа до врвот Дудица кој се наоѓа на 2.132 метри надморска височина, на самата граница со Република Грција.

 

Патека Карпа на Блашница

Патеката Карпа на Блашница започнува од црквата во село Мрежичко и има должина од 5 км. Патеката е комплетно обележана со планинарски знаци и е со лесна тежина. Во текот на патеката вода за пиење нема. На крајот на патеката има висока карпа, 150 метри, која се наоѓа на кањонот на реката Блашница, а на истата карпа се монтирани и неколку алпинистички насоки.

 

Катунишки камен

Патеката е долга 4км, а висинска разлика од почетната до крајната точка е 375 метри надморска височина. Потребно време за поминување на патеката е 1час и 30 минути, во еден правец и е лесна патека по тежина. Стартот на патеката е од велосипедско-пешачката во Моклиште. Патеката е целосно маркирана со планинарски патокази, а завршува на катунишки камен кој е прекрасен видиковец од каде се гледа дел од Тиквешкото езеро и ваташкиот дел од Моклиште.

 

Планинарска патека Михајлово-село Мрежичко

Пристапот до патеката е по асфалтен пат до летувалиштето Михајлово. Вкупната должина на патеката изнесува 22 км, а истата почнува од летувалиштето Михајлово до месноста Зла страна, табла Граничен појас, Турски рид, село Мрежичко. Оваа планинарска патека е комплетно маркирана со планинарски знаци.

 

Планинарска Патека Римски Бањи

Пристапот до патеката е по асфалтен пат до село Мрежичко кое е на 37 км од Кавадарци. Вкупната должина на оваа патека изнесува 3 км во еден правец, а истата е со лесна тежина. Патеката е маркирана со планинарски патокази, а на крајот од самата патека се наоѓаат извори со топла вода и остатоци од римска бања.

с.Мрежичко
Тежина на пристап
Средно тешка