Галишката Пештера претставува една од најубавите пештери во Македонија која се наоѓа во близина на селото Галиште, односно околу 2,5км југозападно од него и на околу 2 км северно од местото каде Галишка Река се влева во Тиквешкото Езеро.
Оваа пештера долго време се држела во тајност за да не ја уништат авантуристи и диви копачи на злато. На покана на клуб Орле од Кавадарци во пештерата дошло друштво од Ница, Франција кои констатирале дека пештерата била стара околу 5 милиони години.
Пештерата е со должина од околу 120 метри, а влезот има должина од 15 метри. Богата е со сталагмити и сталактити, а истата настанала од силни порои. Во минатото во неа имало две езера, а едното од нив денеска е пресушено. Биле забележани лилјаци и еден многу редок вид ледена мравка.
Во пештерата температурата е константна преку целата година од 8 до 15 ºС. Внатрешноста на пештерата е накитена со сталактити, сталагмити, лепези, хелиотипи, столбови и други пештерски украси. Галишката пештера е прогласена за една од најубавите во Македонија поради уникатноста на топчестите форми на сталагмити и сталактити, како и по т.н. пештерски бисер кој се формира во каскадите кои исто така се карактеристика на Галишката пештера.